ПОВЕЌЕ ОД ЦРТЕЖИ: ШТО ВСУШНОСТ ПРЕТСТАВУВА ОСНОВЕН ПРОЕКТ

Aug 27
4 min read
Што ми треба за да градам куќа?
Имам парцела, што треба да направам?
Кои документи се потребни за одобрение за градење?
Кој изработува Основен проект?
Првиот чекор е да се утврди што е дозволено да се изгради согласно урбанистичките параметри и законската регулатива, а потоа таа идеја да се претвори во проект кој може реално да се изведе.
Тука започнува ОСНОВНИОТ ПРОЕКТ.
Што е Основен проект?
Основниот проект е техничка документација со која се разработува планираната градба – од нејзината организација и изглед, до конструкцијата и техничките системи.
Поедноставно кажано, тоа е целокупната документација во која архитектонската идеја се претвора во конкретно решение: што се гради, каде се гради, со кои димензии, од кои материјали и на кој начин.
Во зависност од видот и намената на објектот, Основниот проект може да опфаќа повеќе проектни фази изработени од архитекти и инженери од различни области.
Целта е сите овие делови да функционираат како една целина и да бидат меѓусебно усогласени.
Од каде започнува процесот?
Пред да започне проектирањето, потребно е да се проверат основните информации за локацијата и објектот.
Покрај тоа што инвеститорот треба да даде што попрецизна слика за своите потреби, исто така е неопходно да ја обезбеди потребната документација.
Тоа вклучува:
1
документација за соопственост и право на градење
Имотен лист и катастарска скица
од Агенција за катастар на недвижности
2
Важечка урбанистичка документација и услови за градба
Извод од план
од општината каде што се наоѓа парцелата
3
Геодетски податоци/подлоги
Елаборат за нумерички податоци
од биро за геодетски работи
4
Податоци за постојната состојба
доколку станува збор за реконструкција и доградба
проект од постоечкиот објект, снимка од катастар или докуменација од направени измени
Во зависност од видот, намената и локацијата на градбата, може да биде потребна и дополнителна документација и претходни истражувања. Тука може да спаѓаат геомеханички елаборати, потребни согласности, како и друга документација специфична за конкретниот проект.
Доколку се работи за реконструкција, доградба или надградба на постоечки објект кој се наоѓа во заштитено подрачје или подлежи на режим на заштита на културно наследство, може да биде неопходно претходно да се обезбедат заштитно-конзерваторски услови и соодветна документација од надлежните институции.
Повеќе за процесот и специфичностите при реконструкција и адаптација на објекти во заштитени подрачја ќе споделиме во еден од нашите следни постови.
Потребата од ваквата документација се утврдува во зависност од конкретната локација и видот на интервенцијата, па затоа е важно овие услови да се проверат уште во почетната фаза на проектот.
Оваа фаза е важна затоа што не секоја идеја може да се реализира на секоја парцела.
Пред да се инвестира време во проектирање, важно е да се утврдат условите и можностите за изградба на конкретната парцела.
Што содржи Основниот проект?
Составот на Основниот проект зависи од видот, намената и сложеноста на градбата.
Архитектонски проект
Ова е делот со кој најчесто започнува комуникацијата помеѓу инвеститорот и архитектот.
Архитектонскиот проект ја дефинира организацијата на просторот, димензиите, фасадите, пресеците, материјалите и целокупниот изглед на објектот.
Добриот архитектонски проект треба истовремено да ги земе во предвид функцијата, конструкцијата, инсталациите, регулативата, начинот на користење и реалната изводливост на објектот.
Градежно-конструктивен проект
Конструктивното решение го разработува градежен инженер, со димензионирање на конструктивните елементи за обезбедување на статичка и сеизмичка сигурност.
Проект за водовод и канализација, електротехнички проект, машински проект...
Во зависност од објектот, инженери од соодветната област изработуваат проекти за различни инсталациони системи во објектот, како што се водовод и канализација, електротехника, системи за греење и ладење, приклучок за гас и други системи.
Дополнителни проекти и елаборати
Основниот проект може да опфати и други дополнителни проекти и елаборати како:
Елаборат за енергетска ефикасност;
Елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи;
Елаборат за заштита на животната средина;
Сообраќаен проект.
Координацијата помеѓу проектантите ја остварува архитектот и таа е една од најважните задачи во процесот.
Кој е процесот?
Иако секој проект е различен, процесот најчесто може да се подели на неколку главни чекори:
1
Анализа на локацијата и документацијата
Се проверуваат условите за градба, постојната состојба и сите релевантни ограничувања.
2
Проектна програма и барања на инвеститорот
Се дефинира содржината и функцијата на објектот, кои се приоритетите на инвеститорот и какви се очекувањата во однос на буџетот и начинот на изведба.
3
Архитектонски концепт
Се развива основната идеја за организацијата на просторот и изгледот на објектот.
4
Разработка и координација
Концептот се претвора во техничко решение. Во оваа фаза архитектонскиот проект се координира со конструктивниот систем и останатите инженерски фази.
5
Изработка на Основниот проект
Се изработува целокупната потребна техничка документација, графички прилози, пресметки, спецификации и елаборати, зависно од конкретниот проект.
6
Ревизија
За градби наменети за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 m², ревизијата на Основниот проект не е задолжителна. За останатите случаи, потребата од ревизија зависи од видот и категоријата на градбата и од применливите законски одредби.
Покрај ревизијата на проектната документација, потребно е да се обезбеди и соодветна стручна контрола од ИЗИИС – Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
7
Постапка за одобрение за градба
се спроведува преку електронскиот систем www.gradezna-dozvola.mk . Процесот опфаќа поднесување на потребната документација, проектот и прилозите, нивна проверка и постапување од страна на надлежната институција до издавање на одобрението за градење.
8
Реализација
Откако ќе се исполнат потребните услови и ќе се обезбедат соодветните одобренија, проектот станува основа за реализација на објектот.
Што треба да очекувате од архитектонското биро?
Од архитектонското биро треба да очекувате процес во кој вашата идеја ќе биде анализирана, разработена и претворена во функционално и технички изводливо решение.
Добриот Основен проект треба да биде функционален, усогласен, детално разработен и реално изводлив.
Основниот проект е врската помеѓу идејата и реализацијата – ја претвора замислата во конкретно, технички разработено решение подготвено за следниот чекор.
Доколку не сте сигурни од каде да започнете, која документација ви е потребна или кои проектни фази се неопходни, слободно обратете ни се во AM Studio за повеќе информации и консултација околу вашиот проект.
#AMStudio #архитектура #основенпроект #архитектонскипроект #проектнадокументација #градба #архитектонскобиро #архитектурамакедонија #architecture #architecturaldesign #architecturestudio #buildingdesign


Comments