Проект за внатрешно уредување (ентериер): процес од идеја до реализација

Sep 16
4 min read
„Сакам нешто модерно, топло, ама не премногу... и да има многу складирање.“ „Сакам да изгледа како од Pinterest, ама да биде практично за секој ден.“ „Сакам голема трпезариска маса, ама немам многу простор.“
Од тука па натаму, работата на архитектот е овие желби да ги претвори во конкретно решение кое може да се нацрта, визуелизира и најважно, реално да се изведе.
Еве како изгледа целиот процес, што точно опфаќа еден проект за внатрешно уредување и што добива клиентот на крајот.
Анализа на постоечката состојба и дефинирање на проектна задача
Процесот започнува со мерење и снимање на постоечкиот простор. Се утврдуваат точните димензии на просториите, висините, позицијата и димензиите на прозорите и вратите, конструктивните елементи, вертикалните комуникации и постојните инсталации.
Паралелно со анализата на просторот, се дефинира проектната задача.
Во оваа фаза разговараме со клиентот за начинот на користење на просторот, неговите потреби, навики и приоритети. Се разгледуваат потребите за складирање, бројот и типот на корисници, постојниот мебел кој треба да се задржи, како и елементите кои клиентот сака да ги промени.
Се дефинира и визуелната насока на проектот – стил, бои, материјали, осветлување и примери кои му се допаѓаат на клиентот. Сите овие барања се усогласуваат со конкретниот простор и предвидениот буџет.
Разработка на 2D варијанти и mood board
Откако ќе се дефинира проектната задача, се пристапува кон организација на просторот.
Се изработуваат една или повеќе 2D варијанти на функционалната организација. Во оваа фаза се разгледува каде ќе се постави мебелот, како се одвива движењето низ просторот и како најдобро да се искористи расположливата површина.
Се анализираат:
позиција и димензии на готов и вграден мебел
хоризонтални и вертикални комуникации и пристапи
зони за движење
потребни површини за складирање
позиција на кујнски елементи и апарати
позиција на санитарна опремa
Паралелно со просторната организација, се дефинира и визуелната насока на проектот.
Преку mood board се презентираат предложените комбинации на бои, материјали, текстури, мебел, осветлување и декоративни елементи. Тоa му овозможува на клиентот уште пред изработката на деталниот 3D модел да добие јасна претстава за насоката во која се развива проектот.
3D модел и визуализации
По изборот на 2D варијантата и потврдувањето на визуелната насока, се пристапува кон изработка на 3D модел.
Во оваа фаза просторот се разработува во детали и се внесуваат конкретни елементи според договореното решение.
Во 3D моделот се дефинираат:
материјали за подови, ѕидови и други завршни обработки;
конкретен готов мебел со димензии;
мебел по мерка;
бои и финиши;
осветлување;
санитарна опрема;
декоративни елементи.
Кај мебелот по мерка се разработуваат решенија според конкретните димензии на просторот. Се разгледуваат неговата поделба на елементи, материјалите, боите, финишите и вградените механизми, во зависност од потребите на проектот.
Изборот на конкретни производи и материјали се врши според проектното решение, достапноста на производите, техничките услови и буџетот.
3D визуализациите му овозможуваат на клиентот да го види предложеното решение пред да започне реализацијата, и доколку е потребно, се прават измени и корекции.
Техничка документација
Откако решението за ентериерот ќе биде дефинирано, се пристапува кон изработка на техничката документација потребна за реализација.
Нејзиниот обем зависи од конкретниот проект, но може да вклучува:
Цртежи на постоечка и нова состојба
основи;
пресеци;
развивки на ѕидови;
карактеристични детали;
основи на подови и плафони.
Цртежи за мебел по мерка
основи, пресеци и изгледи;
точни димензии;
поделба на елементи;
спецификација на материјали и финиши;
детали за конструкција и монтажа;
детали потребни за производство.
На овој начин клиентот не добива само слика како треба да изгледа мебелот, туку технички разработено решение според кое може да се произведе.
Разработка на материјали
Се дефинираат материјалите за подови, ѕидови, плафони и останатите површини – плочки, паркет, ламинат, бои, декоративни облоги и други завршни материјали.
Листа на готов мебел и опрема
Во зависност од договорениот обем, се изработува листа со конкретни модели, димензии, количини, производители или референци за мебел, санитарна опрема и останати елементи.
Осветлување и електрични позиции
Се дефинираат позициите на светилките, прекинувачите и приклучоците, како и нивната поврзаност со конкретното решение за мебел и опрема.
Доколку проектот вклучува промени на инсталациите, се изработуваат и соодветни технички цртежи за:
водоводни и канализациони инсталации;
електротехнички инсталации;
останати инсталации според потребите на проектот.
Реализација и надзор
По завршувањето на проектот, документацијата станува основа за реализација на ентериерот.
Во зависност од договорениот обем на услугата, процесот може да продолжи и во фазата на изведба.
Нашата работа може да вклучува комуникација со различните изведувачи и нивна координација – од изведувачите на градежните и инсталатерските работи, до производителите на мебел по мерка и добавувачите на опрема и материјали.
Mоже да се врши и стручен надзор на реализацијата, со цел изведбата да се одвива според проектното решение и техничката документација.

![mood board [mood bawrd] / ˈmud ˌbɔrd / - Визуелна мапа на бои, материјали, текстури, фотографии и детали што заедно раскажуваат како треба да се чувствува еден простор.](https://static.wixstatic.com/media/eacc9d_51975fc2e506482da12d3f6a86dc2409~mv2.png/v1/fill/w_980,h_702,al_c,q_90,usm_0.66_1.00_0.01,enc_avif,quality_auto/eacc9d_51975fc2e506482da12d3f6a86dc2409~mv2.png)




Comments